Македонија на 57 место по индексот кој мери владеење на правото
На крајот на минатиот месец, The World Justice Project (WJP) го издаде WJP Rule of Law Index 2017-2018, извештај од претходно спроведено истражување кое го мери владеењето на правото во 113 држави во светот, преку анкетирање на повеќе од 110,000 домаќинства и 3,000 интервјуа со експерти. Во Македонија беа анкетирани 1017 домаќинства, а истражувањето беше спроведено од Ипсос Скопје, во периодот од 15ти август до 24 септември, 2017 година.
Овој индекс го мери владеењето на правото преку осум фактори: ограничување на моќта на Владата, отсуство на корупција, транспарентна Влада, основни права, ред и сигурност, спроведување на регулатива, граѓанско право и кривично право. Во индексот се претставени скоровите за секој фактор одделно, каде што 1 значи највисок скор, а 0 најнизок скор.
Првиот фактор, ограничување на моќта на Владата, испитува колку оние кои што се на власт го почитуваат законот. Овој фактор ги опфаќа уставните и институционалните средства кои законски ги обврзуваат Владата и нејзините функционери. Освен тоа, вклучува и невладини проверки на моќта на Владата, како што е слободен и независен печат. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.45 и се наоѓа на 89то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 7мото место, од вкупно 13.
Вториот фактор го мери отсуството на корупција во Владата. Овој фактор зема во предвид три вида на корупција: поткупување, нечесно влијание од јавен или личен интерес, и злоупотреба на државни средства или други ресурси. Овие три вида корупција се однесуваат на владините службеници во извршната област, судството, војската, полицијата и законодавството. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.47 и се наоѓа на 60то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 4тото место, од вкупно 13.
Третиот фактор ја мери транспарентноста на Владата, односно колку Владата споделува информации, ги зајакнува граѓаните со алатки со кои можат да бараат одговорност од нејзе, како и степенот до кој го поттикнува учеството на граѓаните при креирањето на јавни политики. Овој фактор мери дали основните закони и информации за законски права се публикувани и го оценува квалитетот на информации објавени од Владата. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.49 и се наоѓа на 64то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 5тото место, од вкупно 13.
Четвртиот фактор, основни права, вели дека систем на позитивно право кој не успева да ги почитува основните човекови права воспоставени под интернационално законодавство, во најдобар случај е „владеење со правото“, но не заслужува да се нарече систем на владеење на правото. Бидејќи постојат многу индекси кои се однесуваат на човековите права, а би било невозможно овој Индекс да го испита целиот спектар на права, овој фактор се фокусира на релативно скромно мени на права кои се цврсто воспоставени под Универзалната Декларација за Човекови Права и се најтесно поврзани со значењето на владеење на правото. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.54 и се наоѓа на 66то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 6тото место, од вкупно 13.
Петтиот фактор, ред и сигурност, мери колку општеството обезбедува сигурност на граѓаните и нивната сопственост. Сигурноста е еден од одредувачките фактори за било кое општество во кое правото владее и е фундаментална функција на државата. Освен тоа, истата е предуслов за реализирање на правата и слободите кои владеењето на правото има за цел да ги унапреди. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.78 и се наоѓа на 35то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 5тото место, од вкупно 13.
Шестиот фактор, спроведување на регулатива, мери колку чесно и ефективно се имплементирани и применети законските регулативи. Правните и административните регулативи го одредуваат однесувањето во и надвор од Владата. Овој фактор не мери кои активности власта одбира да ги регулира, нити зема во предвид колкава регулатива за одредена активност е соодветна. Попрецизно, испитува како се имплементирани и применети регулативите. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.46 и се наоѓа на 77то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 7тото место, од вкупно 13.
Седмиот фактор, граѓанско право, мери колку обичните луѓе можат мирно и ефективно да ги решат своите проблеми преку системот за граѓанско право. Мери дали граѓанските правни системи се достапни, пристапни и недискриминативни, без корупција и несоодветно влијание од државните службеници. Проверува дали судските постапки се спроведени без неоправдани одложувања, и дали одлуките се спроведени ефективно. Освен тоа ја мери достапноста, неутралноста и ефективноста на алтернативните начини за решавање на споровите. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.56 и се наоѓа на 48то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 2рото место, од вкупно 13.
Осмиот фактор, кривично право, го оценува кривично-правниот систем. Ефективен кривично-правен систем е клучен аспект на владеење на правото, бидејќи ги содржи конвенционалните механизми за решавање на проблемите и преземање акција против индивидуи за општествени престапи. Истражувањето поврзано со спроведувањето на кривичното право го зема во предвид целиот систем, вклучувајќи ја полицијата, адвокатите, обвинителите, судиите и затворските службеници. Кога станува збор за овој фактор, Македонија има скор од 0.47 и се наоѓа на 56то место од вкупно 113 на глобално ниво. На ниво на држави од Источна Европа и Централна Азија, Македонија го зазема 4тото место, од вкупно 13.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека Македонија, со вкупен скор од 0.53 е падната за три места во однос на целокупната состојба на владеење на правото (од 54то место во WJP Rule of Law Index од 2016) до 57мо место од 113 држави во изданието од 2017-2018. Овој скор ја сместува на 3то од 13 места меѓу државите од регионот на Источна Европа и Централна Азија, и на 16то од 36 места помеѓу државите со високо-среден приход.
Топ три држави во овој индекс се (1) Данска, (2) Норвешка и (3) Финска; последни три се (111) Авганистан, (112) Камбоџа и (113) Венецуела.
„Ефективно владеење на правото е основата за општества во кои владее еднаквост, можности и мир“, рекол Вилијам Х. Неуком, основач и ЦЕО на WJP. „Ниедна држава нема постигнато совршена реализација на владеењето на правото. The WJP Rule of Law Index има за цел да биде првиот чекор во поставување репери, информирање за реформи, стимулирање на програми и продлабочување на разбирањето за фундаменталната важност на владеењето на правото.“
Целосниот извештај за 2017-2018 година – вклучувајќи профили на држави, визуелен приказ на податоци, методологија и опции за симнување - е достапен на: www.worldjusticeproject.org/rule-of-law-index