Перцепции и ставови на граѓаните за ситуацијата со корона вирусот

РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ИПСОС ЗА ПЕРЦЕПЦИИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ЗА КОРОНА ВИРУСОТ МЛАДИТЕ НАЈМАЛКУ ЗАГРИЖЕНИ, ПОВОЗРАСНИТЕ ГРУПИ КОИ СЕ СО НАЈГОЛЕМ РИЗИК – ДОБРО ИНФОРМИРАНИ

СКОПЈЕ, 12. МАРТ 2020. – 67% од граѓаните изразуваат значителна загриженост за себе и своите блиски поради корона вирусот.  77% од испитаниците ја оценуваат заканата од корона вирусот за нашата земја како умерена и голема. 

 

Ова го покажуваат податоците од последното национално репрезентативно истражување кое Ипсос го спроведе меѓу граѓаните на Македонија,  во текот на изминатиот викенд укажуваат дека, поради корона вирусот, граѓаните најмногу се информираат од телевизиите (76%), а скоро половината од нив (49%) информации бараат и по социјалните мрежи. Повеќето од граѓаните изразија процена дека се многу добро или одлично информирани за корона вирусот – 69%. „Од ова може да се заклучи дека граѓаните на Македонија во голема мера се чуствуваат информирани за ситуацијата. Телевизиите секако имаат примарна улога во информирањето на граѓаните, но користењето на неформалните начини на информирање, како социјалните мрежи, укажува дека е потребна зголемена лична одговорност при ширењето на информациите и нивната проверка со официјални извори. Само 16% од граѓаните се информираат од официјалните веб страници на надлежните институции (Институт за јавно здравство, Министерство за здравство, итн), па одговорноста на сите фактори при информирањето треба да биде зголемена“, истакнува Ивица Соколовски, истражувач од агенцијата Ипсос.

 

Истражувањето укажува дека најранливата категорија граѓани, на возраст од 65+ години, се чуствуваат добро информирани за ситуацијата со корона вирусот. Но од друга страна, младата популација споделува најмала загриженост за себе и своите блиски, истовремено чуствувајќи се најмалку информирани. 42% од нив изјавиле дека се чуствуваат малку или воопшто не се чуствуваат загрижени за себе и своите блиски, со истовремено најнизок процент на испитаници кои изјавиле дека се чуствуваат многу добро или одлично информирани за корона вирусот.

„Пропишаните мерки и начините на кои надлежните институции се справуваат со кризата наидуваат на подршка од граѓаните, а мал дел од нив изразуваат мислење дека мерките треба да бидат подрастични. Тоа што младата популација се издвојува според својата (помала) загриженост и својата (помала) информираност од корона вирусот, укажува на потребата на зголемена одговорност која младите треба да ја манифестираат во овие моменти. Но не само младите, туку сите сегменти на нашето општество“, потенцираат од Ипсос.

 

Истражувањето беше спроведено на национално репрезентативен примерок од 500 граѓани на Република Македонија, во периодот од 13ти до 15ти март, 2020 година. Истражувањето беше спроведено во вид на телефонска анкета.

 

За сите дополнителни информации слободно обратете ни се.

Повеќе информации за Здравје